По дебаклот во 2013, Китев повторно кандидат за градоначалник од СДСМ!

пишува Кире Бебеџаков

ОО на СДСМ Кавадарци официјално го објави својот кандидат за претстојните локални избори. Оваа вест деновиве ја разбранува и така кревката кавадаречката а посебно опозициска локална јавност која има поделени мислења и ставови околу кандидатурата на Китев. Дали Китев е вистинското и идеално решение, (кога веќе не знаат у партија) мораме малку статистички да се завртиме наназад и како пример да ги земеме резултатите од последните неколку циклуси во кои токму тој и никој друг се наоѓаше на изборните листи како единствен кандидат од редовите на СДСМ.

И за да нема предвремено статистичко удирање со глава у зид од одредени партиски ноеви, бројките подолу се официјални и превземени од сајтот на Државната Изборна Комисија. Да одиме со ред.

На локалните избори кои беа оддржани 24-ти март 2013 година, во општина Кавадарци биле регистрирани 32.029 гласачи со вкупен број на избирачки места 54. На овие избори вкупно гласале 24.450 граѓани. Бројот на важечки гласачки ливчиња изнесувал 23.854 додека бројот на неважечки гласачки ливчиња бил 596.

Одзивот на гласачи изнесувал 76.34% а резултати од прв изборен круг беа следните:

ПАНЧО МИНОВ – ГРУПА ИЗБИРАЧИ ПАНЧО МИНОВ-КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК со освоени 4.980 или 20.37% од вкупниот број на гласови.

АЛЕКСАНДАР ПАНОВ – ВМРО–ДПМНЕ 11.507 или 47.06%.

БЕТИАНЕ КИТЕВ – СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА со 6.752 или само 27.62% од вкупниот број на гласови во првиот изборен круг.

Во вториот изборен круг копјата ги судрија Китев и Панов. Само 14 дена подоцна, на 7 април 2013 година, ДПМНЕ со уште поубедлива победа. Со вкупен број од 22.572 важечки гласачки ливчиња и одзив на гласачи од 72.09%, Александар Панов од ВМРО–ДПМНЕ освои 13.084 или 56.66% од гласовите додека Бетиане Китев од СДСМ освои 9.488 или 41.09% и тоа заедно со гласовите на Панчо Минов. Историјата на македонската политичка сцена вели дека голем број на кандидати кои претрпеле големи изборни порази повеќе не се појавуваат на политичката сцена во циклусите кои доаѓаат.

Наредната 2014 година се одржаа предвремените парламентарни избори кои беа заедно во пакет со претседателските. Во изборната единица број 4, каде гласаат и граѓаните од општина Кавадарци, вкупно гласале 205.398 граѓани, или 73.14%. Од нив, 109.809 својот глас го дале за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата додека 70.004 за СДСМ и коалицијата. Во изборната единица 4, меѓу предложените кандидати од официјалната листа на високото место број 4 повторно котираше Бетиане Китев. На овие избори, на ниво на општина Кавадарци, ВМРО-ДПМНЕ освои 11.706 или 49.74% од гласовите додека СДСМ едвај 6.739 или 28.64% од гласовите. Партијата ГРОМ освои 3.304 или 14.04%.

Нареден циклус, повторно предвремени парламентарни избори кои беа оддржани на 11 декември 2016 година, СДСМ повторно настапува со истиот кандидат. Трет пат (веќе втор како пратеник) СДСМ го предлага Бетиане Китев да седне во пратеничката фотеља. И покрај објавените таканаречени “бомби” и разоткриени афери, скандали за мито и корупции за тогашниот фашистички режим на Никола Груевски, ОО СДСМ Кавадарци повторно потфрли, не успеа и овојпат да освои повеќе гласови од веќе клекнатото на колена локално раководство на ДПМНЕ. На овие избори вкупно гласале 211.897 граѓани, или 75.00%. Од нив, 101.617 својот глас го дале за ВМРО-ДПМНЕ додека 94.780 за СДСМ. Во општина Кавадарци, ВМРО-ДПМНЕ освои 12.329 или 47.99% од гласовите додека СДСМ 11.465 или 44.62% од гласовите.

Изборите завршија, Китев повторно како ултра примарна персона со нов пратенички мандат во македонскиот парламент.

На 15 октомври 2017 година ќе се одржат редовните локални избори за градоначалници и советници. Додека во ОО СДСМ сеуште ја кројат советничката листа (уствари им ја крои некој друг), кандидатот за градоначалник и официјално е обелоденет. Станува збор за лицето Бетиане Китев кој веќе четврти пат по ред во рок од само четири години се наоѓа повторно на изборниот список на СДСМ за општина Кавадарци.

Но, ќе поминат и октомвриските избори, ќе дојдат други, трети…Прашањата кои оставаат дилеми и куп нејаснотии е дали ОО СДСМ се сооочува со недостиг на квалитетен партиски кадар или станува збор за крајно лоши кадровски решенија кои се канализираат директно од централа? Дали токму лошите кадровски политики се резултат пак што од 1990 година СДСМ немал свој градоначалник на општина Кавадарци? Дали одлуките кои доаѓаат од високото централно ниво се косат со реалните потреби и барања на жителите од општина Кавадарци? Дали лојалноста на поединци кај Заев е доволен “кец у ракав” за долгогодишна “љубовна врска” без разлика за пооследиците и резултатите од изборните циклуси? Дали недостатокот од квалитетен кадар од втор ешалон на локално ниво е причина што голем број пратеници од СДСМ се кандидираат за градоначалници? Дали…???