(ВИДЕО)Поправка на шахта во центарот на Кавадарци отвори дополнителни проблеми

Собирна шахта за атмосферската канализација, нерешлива енигма за надлежните

Неколку денови траеше поправката на оштетувањата на собирната шахта за атмосферската канализација на улицата “Илинденска“ во строгиот центар на општина Кавадарци. Во моментот кога завршија конструкциските работи, почнаа да се јавуваат уште поголеми проблеми од претходно.

Непрофесионалната изведба при поставувањето на металната конструкција-решетки доведе до изместување на некои сегменти при што настанува силен тресок во моменти кога низ решетките поминуваат автомобили.

Оваа појава е поизразена посебно во вечерните часови и предизвикува нарушување на јавниот мир посебно кај граѓаните кои живеат во околните згради. И токму тие апелираат до надлежните локални органи, до ЈП Комуналец како изведувач и до градоначалникот Јанчев Митко да интервенираат по овој случај, да се реши и санира овој проблем.

Иако се работеше на терен, нема никакви подобрувања од претходно. На човек да не му верува. Местење на решетки од 5 метри се претвори во филмска лента. Кога една шахта не може да се направи како што треба, што останало за поголеми проекти. Живеам на први спрат, навечер тресокот од решетките ми одзева во глава. Нарушен ми е сонот, а сме луѓе со секојдневни обврски.се жали еден од жителите кои живеат во непосредна близина.

Жителите од овој дел од градот апелираат до градоначалникот на Кавадарци да излезе на терен на ист начин како од пред некој ден кога со цистерна за вода беше чистен тротоарот од северен булевар.

Плаќаме редовно данок за што? За крпи закрпи. До кога ќе се учиме шахти да правиме и поправаме? Дваесет и први век, луѓе на месечината се качија а ние уште дупки и шахти се учиме да крпиме. Срамота. Го полниме општинскиот буџет а парите нерационално се трошат на вакви работи. Една шахта и по трипати поправаме. Градоначалникот нека не биде селективен кога излегува на терен, нека се потруди да интервенира и да се реши овој проблем а нас жителите од централното градско подрачје да ни се врати сонот.револтирано реагираат жителите.

Жителите од овој дел од Кавадарци имаат големи очекувања од новиот градоначалник и совет на општината. Велат, во предизборната кампања имаше многу ветувања кои засега сеуште се само ветувања.