Отчетот на Панов – двослојна тоалетна храртија!

пишува Кире Бебеџаков

За таканаречениот “отчет” кој преку медиумите го препрочита кавадаречкиот градоначалник во заминување, Александар Панов, не може човек а да не забележи дека апсолутно не се разликува од претходниот и од оној пред него. Истото copy/paste психолошко оптеретување и измачување кон кавадарчани, пишаници на двослојна тоалетна хартија кои полека избледнуваат и канализираат низводно партиската ве-це шоља.

Осум години откако е седнат на градоначалничката фотеља, сите изјави на Панов кои ги дава за медиумите се крајно површни, излишни, неповрзани една со друга, крајно популистички, интервјуата и емисиите со предвреме подготвена содржина. Цела една деценија во тиквешијата не одгледавме храбар и достоен јунак од новинарска фела (ако ја има) да ги раситни малку од малку зборовите кои излегуваат од градоначалничката уста, да го проанализира она што тој го тврди, да му нафрли два-три контра аргументи, малку да го сепне, да го раздрма, да му постави вистинско новинарско прашање. Голем број од таканаречените кавадаречки медиуми мемаа храброст и ниту пак ја објавија информацијата за 60-дневната затворска казна која ја доби Панов и паричната казна од 25.000 денари за поткуп на гласачи на претходните избори. Во голем дел од тие медиуми се изнапикани таканаречени новинари кои имаат и по дваесет и триесет годишно новинарско искуство. Срамота!

Зборот ми беше отчетот на Александар. Се сомневам дека голем дел од она што го спомена во неговиот отчет е домаќински сработено. И велам дека умешно ги избегна и не ги спомена големиот број на дела кои претходно им ги вети на граѓаните а не е сработено ништо. А никој од присутните не го ни праша.

Во воведот вели Панов, дека изразува голема благодарност до граѓаните од општина Кавадарци што му ја дале довербата да биде градоначалник. Апсолутно неточно е дека ја добил довербата ако се земат во предвид таканаречените “бомби” и разговори во кои многу јасно се слуша дека високи функционери од ДПМНЕ режираат изборни измами, поткупуваат гласачи, ја заплашуваат администрацијата дека ќе бркаат од работа, го рекетираат приватниот сектор, се закануваат по живот. ДПМНЕ ги крадеше редоследно изборите последните десет години. Гледајќи од таа призма, на Панов малкумина му ја дадоа довербата. Затоа тој не е легитимен градоначалник и наредните избори само ќе го потврдат тоа!

Во отчетот изразува благодарност до партијата (ДПМНЕ) за укажаната можност да биде кандидат и градоначалник. Да потсетиме само дека и покрај укажаната прилика од неговата партија, доколку добро не дрѓи паметот и меморијата, тој во еден од објавените разговори со криминалецот и поранешен министер за транспорт и врски од ДПМНЕ, Миле Јанакиевски, вели дека сакал да даде оставка од градоначалничката функција заради свои лични и приватни причини (причините се небитни). Но и покрај неговата желба за оставка тој продолжува да работи како градоначалник. Прашањето а и сомнежите кои произлегуваат се дали Александар Панов навистина го работи она што од срце го сака за доброто на граѓаните од општина Кавадарци или пак е присилен од сопствената партија за да извршува нејзини агенди?

Беше спомената работата на локалната администрација. Локалната администрација никогаш не работела професионално и стручно. Посебно последните неколку години. Со исклучок на малкумина, останатите се партиски полтрони кои низ годините “нишаат врата и земаат плата” и се ракрана и терет на локалниот буџет. На многумина им се поделени административни столчиња со измислени функции само затоа што биле лојални и своевремено лепеле плакати за партијата. Многумина се на терет на локалниот буџет а нивното присуство апсолутно е непотребно. Ете, лево од Панов е секретарот на општината. Што по ѓаволите е секретар, што работи тој и колку пари го плаќаме месечно?

Кога сме кај администрацијата и секторите кои функционираат во локалната самоуправа би ја издвоил матичната служба. Како некој подсектор на НАСА. За обичен извод потребни ви се неколку дена, пакет дијазепам и нерви дебели како авионска сајла. Кој ќе преживее, ќе раскажува. Демек, немале принтер таму, па го јадат срамот и странките ги праќаат по фотокопирници и книжарници за една мочана копија. Ужас!

Одиме понатаму, за поддршката на локалната самоуправа од бизнис секторот…За кој бизнис сектор зборува Панов? Дали неговата изјава се однесува на оние една рака фирми од градот кои преку тендери го “лапаат” најголемиот колач од локалниот буџет? Пет фирми се, ништо повеќе. Коки, Смоки, Митко, Трајко и Петко.

Стапката на невработеност во Кавадарци била намалена. Ок. Но која е цената на пазарот на трудот? 250 евра по работник за празник, делник и викенд? Или во контекст за репер ја зема својата градоначалничка плата која апсолутно не ја заслужува?

Беше споменат лифтот за хендикепираните лица кој е направен во зградата од локалната самоуправа. Невиден парадокс и навреда кон лицата со хендикеп. Низ градот нема поставено рампи за инвалидни колички, овие лица немаат пристап до локалната самоуправа, се движат по улица каде не е безбедно и има густ сообраќај. Лифтот не е приоритет, а ретко кој и го користи.

Сипмтоматично е тоа што Александар Панов не потроши ниту збор за аграрот во тиквешијата. А како да го спомене кога милијарди денари народни пари се изнесени од државата последните десет години, субвенции се делени по партиска линија, огромни земјоделски парцели делени на функционери од ДПМНЕ кои допирни точки немаат со аграрот. Преку ноќ се родија партиски феудалци кои работат на осиромашување на граѓаните а збогатување на неколкумина. На сиромавиот и она малку што го имаше му е одземено преку тужби, казни и извршители. Од лозарите направи поим за земјоделски срам!

Дел од излагањето посебно ме погоди и иритира кога Панов ги спомена позитивните критичари во Кавадарци…Интересно што ги спомена овие малкумина од кои на неколкумина од малкумината им се пуштени тужби за демек клевети и слично. Парични глоби, влечење по судови и обид за нивно замолчување. Така поминуваа кавадаречките гласни критичари на ДПМНЕ последните десетина години. Многу добро ми се познати судските ходници. Некои работи тешко се забораваат!

Кога ќе собереме и одземеме, градоначалничкото дејствување на Панов може да го испишеме на тоалетна хартија на која како отчетност ќе стои дека е направен тротоар, изѕидани две цигли, потрошена вреќа цемент и пола приколица песок.

Ќе остане мистеријата каде исчезнаа парите на кавадарчани!