Нов срам за кавадаречкиот фудбал, суспендиран е градскиот стадион “Тиквеш”

Сагата на фудбалскиот клуб “Љубанци” од Кавадарци продолжува во надолна линија

Кога целата фудбалска јавност се помири со фактот дека фузијата на клубовите “Љубанци” и “Тиквеш” е најголемата можна глупост која може да се случи на овие простори, деновиве се случи уште поголема.

“ФК Љубанци” од Кавадарци утре го очекува натпревар од четвртото коло од втората македонска фудбалска лига и тоа на домашен терен против екипата на “Еуромилк”. Овој натпревар наместо да се одигра на градскиот стадион “Тиквеш” во Кавадарци најверојатно како домаќини кавадарчани ќе одиграат во Гевгелија. Причината е во тоа што градскиот стадион не ги исполнува минимум условите за натпреварување во втора лига.

Најмалку 300 пластични столчиња и реновирање на неколкуте урнати зидови се минимум услови кои комисијата на ФФМ ги бара од управата на кавадаречкиот клуб за да се одигра еден натпревар на домашен терен. Овие услови имаа рок да се исполнат минатото, трето коло. За жал состојбата не е променета а фудбалерите се соочуваат со најголемит срам кој може да ги снајде.

Локалната самоуправа на општина Кавадарци, под чија закрила е фудбалскиот клуб, објави тендер за набавка на градежни работи за реконструкција на градскиот стадион. Првиот тендер беше неуспешен. Беше објавен и втор кој имаше краен рок до 23 август, 2016 година. Најверојатно и вториот тендер го снајде истата судбина. Преку тендерите локалната самоуправа бараше изведувач кој ќе го извади стариот бетон од бетонските трибини, ке го исчисти сметот, ќе ги демонтира старите искршени пластични столчиња и целиот смет ќе го транспортира до депонија. Во тендерот се наведени и други бетонски и молерофарбарски работи.

Досега ништо не е реализирано. Натпреварот со “Еуромилк” најверојатно ќе се одигра во Гевгелија. Стадионот во Кавадарци е руиниран, на повеќе места треба да се “закрпи”.

Јавноста е фрапирана од овој срам кој и е приреден. Орданче Бошковски, член на навивачката група “Лозари” и претставник на навивачите во управнот одбор, не го криеше својот револт, за “Мојот Град” изјави:

Навивачите бојкотираат. Има револт кај навивачката група “Лозари”. Сметаме дека фузијата на клубовите не е добра. Клубот не е спремен за втора лига, нема пари, нема план, нема никаква концепција и цели кои треба да се реализираат. Постои дискриминација во делот на платите. Неколкумина земаат, поголемиот дел ништо. За другите се чекало да се направи ребаланс на општинскиот буџет. Претставник сум во таа некоја управа на клубот која не функционира. Ова е дно на кавадаречкиот фудбал. Кој ли само претпоставуваше дека ќе дојдеме до ова дереџе.Орданче Бошковски

Во деведесетите години во Кавадарци имаше идеални услови за меѓународни утакмици. Младата репрезентација на Македонија има одиграно феноменални натпревари. Играчи од калибарот на Роби Кин продефилирале на теренот од градскиот стадион “Тиквеш” во Кавадарци.

Оставете коментар