Митко Јанчев се “офајдил” 130.000 евра од буџетот на општина Кавадарци!

Тендерите за набавка на услуги за одржување на локални патишта и улици во општина Кавадарци во контунуитет одат во рацете на Друштво за производство,трговија и услуги “ЈА-МИ” експорт-импорт ДООЕЛ Кавадарци, каде сопственик е лицето Митко Јанчев.

За оваа 2017 година висината на проценетата вредност за овој тендер достигна 3.988.400 денари или 65.000 евра пари од граѓаните на општина Кавадарци. Тендерот за набавка на услуги за одржување на локални патишта и улици во зимски услови за 2016 година исто така го “лапна” актуелниот кандидат за градоначалник од редовите на ДПМНЕ. За 2016 тендерот “тежеше” високи 4.000.000 денари. За две години, “ЈА-МИ“, како релативно млада компанија под палката на Митко Јанчев од ДПМНЕ, се офајдила од џебот на кавадарчани за неверојатни 130.000 евра. И за 2016 и за 2017 година бројот на добиени понуди за изведувач на оваа услуга била само една.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека на локалните избори во Кавадарци ќе настапат со Митко Јанчев, сопственик исто така и на компанијата „Кожувчанка“.

На полноќ истече рокот за доставување на кандидатските листи за советници и градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат на 15 октомври. Неофицијално, доставени се четири листи со кандидати за градоначалник на општина Кавадарци. СДСМ со Бетиан Китев, ВМРО-ДПМНЕ и Митко Јанчев, Борис Давидов како независен кандидат. Свој кандидат предложиле и од ТМОРО. Пријавени се и пет советнички листи: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ТМОРО, како и Ристо Сакалиев и Борис Давидов како независни.