Маркова Кула во Кавадарци, бесценето културно историско богатство оставено да скапува!

Последен пат Маркова Кула во Кавадарци импровизирано и делумно е измачкана со малтер во далечната 1979 година

Единствен сочуван споменик на културата од средновековниот период во општина Кавадарци, лоциран во централното градско подрачје е Марковата кула.

Кулата е градена од камен и малтер. Нејзините ѕидови достигаат дебелина од еден метар. По својата форма, таа е четвртаста и достигнува височина од околу 20 метри. Кулата е на пет ката. Првиот и вториот кат се без прозорци, а на четвртиот и петтиот кат се по три прозорци со железни решетки. На јужниот ѕид од четвртиот кат поставен е отвор за одбрана, а на петтиот постои отвор што служел за одвод на нечиста вода. Единствената врата е на вториот кат и пристапот до неа е направен со камени скали. Покривот и внатрешната дрвена граѓа денес се доста оштетени, односно не постојат.

Маркова Кула

Точното потекло на Маркова Кула не се знае. Според преданието меѓу народот владеело уверување дека е од постаро турско време. Некаде на крајот на 18-тиот век. Има и претпоставки дека потекнува и од времето пред доаѓањето на Турците во овие краеви. Познато е дека првите преселници од Дукена се вселиле во Кулата и со тоа почнува основањето на новата населба Велахан, што подоцна го добила името Кавадарци.

Кулата имала одбранбена функција како и останатите кули што се градени во тој период.

Денес, Марковата кула во Кавадарци пропаѓа, времето ја “јаде” додека пак од институциите овој споменик е оставен на милост и немилост додека комплетно не се уништи.

Кулата  се издига во строгиот центар на градот и претставува симбол за Кавадарци, со сите свои културни вредности, но и како споменик кој е оставен на забот на времето. Локалното население вели дека заради негрижата на локалните власти, хулигани внатре во кулата палеле оган, наркомани ги оштетувале камењата за да можеле внатре да влезат, направена е огромна дупка на основата од кулата.
Внатрешноста на кулата ја краселе дрвени скали кои воделе до самиот врв. Скалите ги нема, распаднати се.

Маркова Кула

До кулата буквално и да нема патека. За да се стигне до неа мора да се помине низ приватните имоти и дворови. Околу кулата има насобрано куп камења кои со текот на времето паѓале од повисоките катови.

Последен пат Марковата Кула во Кавадарци импровизирано и делумно е измачкана со малтер во далечната 1979 година.
Од локалната самоуправа на општина Кавадарци не доаѓа никој. Ниту поминал, ниту прашал ниту пак посегнал да се заштити ова непроценливо културно наследство. Ниту пак од министерството за култура на Република Македонија. Нема буџет за нејзино одржување. Никој од надлежните ниту ја чествува ниту ја негува.

Секоја година, на 2 јануари кога е празникот Игнат,  во посета на кулата доаѓа организирана група на туристи од Измир, Турција. Оставаат свежо цвеќе, прават чест и разговараат со локалното население. Тоа биле потомци на тогашните локални турски власти.

Извор СЛОБОДНА

Оставете коментар