Левица ќе стане парламентарна партија!

пишува Орданче Бошковски, кандидат за пратеник од партијата “ЛЕВИЦА” во изборната единица 4

Левица е нова, атипична партија која е вистинско освежување на нашата неинвентивна политичка сцена. Составена е од образовани, неискомпромитирани и храбри луѓе кои беа први на улиците и барикадите кога тоа беше најпотребно и кои покажаа како се дава от-пор пред налетот на полициските кордони.

Ние, иако млади, имаме долгогодишен стаж на практикување разни форми на политички активизам преку макотрпна теренска работа низ неколку левичарски здруженија, синдикати, протестни движења, неформални групи и граѓански иницијативи. Затоа Левица, по многу нешта, е поразлична од сите други вообичаени партии кај нас бидејќи ја градевме оддолу-нагоре.

Левица нема лидер, нема спонзор, нема багаж од минатото! Нашите членови, кои во голем број и самите потекнуваат од работнички семејства, искрено веруваат во идеалите за кои се борат. Тие на овогодинешните масовни протести со срце, пркос и борбеност покажаа како треба да се принесе лична жртва за општото добро. Скоро половина од луѓето во нашето највисоко раководство се апсени, притворани и кривично судени заради својата антирежимска политичка активност. Оваа репресија доволно говори за потенцијалот со кој располагаме.

На овие судбоносни избори за нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат, Левица ќе настапи самостојно и е убедена дека ќе стане парламентарна партија! Во изборната единица 4 носител на листа е Митко Николов, и на неа како членови од локалниот огранок од Кавадарци се наоѓаме јас и Марина Левова. Локалниот огранок на Левица во Кавадарци функционира неколку месеци, модератор на огранокот е Стефан Видиков. Последниве години општествениот, социјалниот, културниот, спортскиот дух на Кавадарци е во една константна надолна линија, ситуација која го носи градот и нас како Кавадарчани во еден амбис, од кој нема лесно да се повратиме подолг период, и на сето тоа треба да се стави крај, и да почниме да градиме граѓанско општество во кое достоинствено ќе живееме ние и нашите деца.

Кавадарчани најчесто последните години можеа да ја препознаат мојата независна борба за подобар спорт, против полициската бруталност, против киднапирањето и партизирањето на државата, директно од улиците од каде многу наши борби сеуште тапкаат во место, но се надевам дека после 11-ти декември работите ќе почнат да се движат во нагорна линија и се ќе си дојди на своето место. Со своето рударско работно искуство од над 17 години добро сум упатен во проблематиката на работникот во Македонија, константното губење и кршење на работничките права, обезвреднувањето на трудот на работникот и ветувам дека Левица како партија која се бори за обесправените работници, со пакетот на програма за работничка и социјална правда ќе го врати достоинството на работничките фамилии.

Левица

Економијата во Македонија е очајна и тоа граѓаните најубаво го осетија на сопствениот грб, со едно константно осиромашување го допревме дното во Европа, младите бегаат и се отселуваат, тие што сеуште се тука животот им е пекол, од даноци, извршители, енормно високи казни во однос на нивните примања и сето тоа во една арамиска атмосфера кога гледаме како поединци преку ноќ трупаат милиони, е тука Левица сака да го направи преокретот – Прераспределба на богатството – од богатите кон сиромашните. Не заборавајќи на криминалот Левица бара конфискација на нелегално стекнатиот имот на сите досегашни владејачки структури и олигарси. Демократизација во сите сфери на живот, првенствено медиумите, значително намалување на превисоките плати на пратениците и функционерите и укинување на нивните привилегии (особено на апанажата, патните трошоци и др.), соработка со граѓанските организации кои работат во сферата на човековите права, во насока на подобрување на законската регулатива и задолжително консултирање на граѓанскиот сектор при креирањето јавни политики, декриминализација и укинување на глобите за користењето на марихуаната за лична употреба на полнолетни лица, забрана за носење на борбени возила, огнено оружје и употреба на гумени куршуми или шок-бомби од страна на специјалните полициски сили за време на мирни протести, се само дел од програмите за едно ново демократско општество.

Крај за експериментите во образованието! Воведување бесплатно, т.е. целосно јавно субвенционирано високо образование. Здравствена заштита за сите – здравјето не е бизнис!Законски решенија за поставување на јавното здравство како поле од посебен општествен интерес. Современо и организирано земјоделство без партиски клучеви при доделувањето субвенции. Редефинирање на целосната политика на субвенционирање. Двојно зголемување на субвенциите за индивидуалните земјоделци и земјоделските семејства и укинување на субвенциите за големите компании.

Бесплатно делење земјиште на ситни земјоделци на долготраен закуп. Елиминирање на партиското влијание во сите спортски федерации, почнувајќи од сите сојузи во сите области на спорт, до самите клубови каде најдобро познат случај ми е со фудбалскиот клуб Тиквеш, кој за жал денес поради една срамна фузија носи име на клуб од скопско село, кој во минатата сезона направил финансиски долгови, па ние како спортска општина истрчавме да му ги платиме трошоците со градски ребалансирани пари од градскиот буџет. Градот го доби последните години и руглото од стадионот што остана од една матна концесија, и како партија се залагаме јавните спортски објекти да не се даваат под концесии и задолжително да се градат пропорционално на бројот на граѓаните во дадена општина. Нивното одржување и работење да биде на товар на општината, а да биде достапно за сите граѓани.

Кавадарци го гледам во иднина како град каде младите би добиле Младински културен центар каде младите музичари, уметници, писатели, фри стајлери би добиле еден слободен простор каде ќе го искажуваат, надградуваат својот талент и работа. Скејт парк, парк за домашни миленици, стрелиште, затворен базен, велосипедски и пешачки патеки, ривер или лејк музички фестивал во Тиквешијата се само дел од проектите кој како локален огранок на Левица во Кавадарци ги зацртавме од самиот почеток и кој имаме план да ги реализираме со Кавадарчани во наредниве години, дајте ни ја довербата Левица нема никого да разочара.

И затоа сметаме на вас, оти знаете дека никогаш нема да ве изневериме! Борбата продолжува! Со нови сили, на различни фронтови. Подобар свет е неопходен. Подобар свет е можен!Ќе победиме!

Оставете коментар