Кој го “лапна” Здружението на возачи Кавадарци?

Вмровците токму во Кавадарци “се вежбаа” или го пробиваа ледот (преку Здружение на Возачи)

За метафоричниот наслов на текстот „КАКО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ВОЗАЧИ СТАНА СЕМЕЈНА ФИРМА НА АНТОНИО МИЛОШОСКИ“, Јадранка Костова е казнета за клевета. Со тужбата од Антонио Милошоски не беше оспорен ниту еден навод од анализата!

Текстот е објавен на 25 март 2011 година во неделникот „Фокус“ во бројот 821

Вмровците упорно пропуштаат да се пофалат со еден успешно реализиран проект – вмровизацијата на здруженијата на возачи. Овој вирус зафати повеќе вакви асоцијации, а кулминира со парафирање на портокаловата боја и во централата во Скопје. Со оглед на тоа што заедничкиот именител на сите овие ѓоа граѓански преврати во навидум обични здруженија, се токму истакнатите вмровци, се добива јасна слика дека возачката мапа на Македонија изминативе години се плетела макотрпно со една суптилна вмровска пајажина!

Откако во кичевското здружение со Преродбата се препороди и таткото на Антонио Милошоски, лани и братот на министерот влегол во возачкиов портокалов филм – станал управител на Сојузот на здруженија на возачи на Македонија. Дел од вработените, пак, кои добиле отказ, сметаат дека благодарение на Милошовци станале социјални случаи. Но, Преродбата не запира, таа продолжува со истото темпо!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

 

Она што е конкретен повод за уште едно наше навраќање на оваа тема е токму судбината на некои правосилни и извршни судски одлуки кои засега немаат поголема правна сила од што има, простете на израз, некаков ,гз папир,.  Екс секретарот на кавадаречкото здружение на возачи, Димче Стевановски иако истерувал правдина од основен преку Врховен до Управен суд, и има пресуда во своја корист, се уште се води како екс секретар. Овластените од Централен регистар одбиваат да извршат промени во регистарот иако Управниот суд донел одлука со која им наложува да го избрише ,новиот, односно, барањето за бришење на уписот направен врз основа на ништовни одлуки го одбиле како неосновано!

Зоре Којчески екс благајник на кичевското здружение на возачи, каде со Преродбата се препороди Милош Милошоски, татко на Антонио Милошески, има извршно решение да биде вратен на работа. Арно ама и после повеќе од 2 месеци, се си е по старо. Уф, не баш се, оти во меѓувреме уште еден член од семејството на Милошоски влезе во возачкиов портокалов филм. Братот на министерот, Александар Милошоски станал управител на Сојуз на здруженија на возачи на Македонија. Дали со ова ,го победиле духот на малодушноста,- тешко е да се одговори, но, други двајца вработени од кичевското здружение во меѓувреме останаа без работа. Малодушноста нив дури сега со ваквата преродба ги зафати. Но, за тоа потоа!

Во изминативе две години Фокус регистрираше ‘преврати’ во неколку чекори, не требаа 100, во возачките здруженија на Кичево, Неготино, Кавадарци, Битола, Гостивар, Велес … Зошто им се видоа примамливи овие граѓански здруженија на Груевци? Едноставно, овие ,фирмички, со решение од МВР се овластени да вршат технички преглед на возилата. Ова, пак, значи, добар прилив на пари. И добар ‘бренд’ за вдомување на своите луѓе. Ќе признаете дека на овој ,дупли ќеиф, тешко е да одолее дури и една гооолема преродба. Особено што дополнителен мотив и предизвик беше тоа што во овие возачки колективи, со години држеа банка воглавно сдмовци. Ете така главните партии ги третираат граѓанските организации!

 

ОСТВАРЕНО СО САМО ШЕСТ ЧЕКОРИ

Во изминативе две години Фокус регистрираше ‘преврати’ во неколку чекори, не требаа 100, во возачките здруженија на Кичево, Неготино, Кавадарци, Битола, Гостивар, Велес … Зошто им се видоа примамливи овие граѓански здруженија на Груевци? Едноставно, овие ,фирмички, со решение од МВР се овластени да вршат технички преглед на возилата. Ова, пак, значи, добар прилив на пари. И добар ‘бренд’ за вдомување на своите луѓе. Ќе признаете дека на овој ,дупли ќеиф, тешко е да одолее дури и една гооолема преродба. Особено што дополнителен мотив и предизвик беше тоа што во овие возачки колективи, со години држеа банка воглавно сдмовци. Ете така главните партии ги третираат граѓанските организации!

Упатените велат дека вмровците токму во Кавадарци ‘се вежбаа’ или го пробиваа ледот. Но, за да ја сплетат пајажината, Груевци морале да сторат неколку чекори. За да ,остваруваат, во возачките здруженија морале прво да изменат неколку реченици во Законот за едношалтерски систем. И тоа е остварено во 2007 година. Та, првите месеци од преродбеничката влада, нели, треба да се делат ресори и функции по министерства, државни и јавни претпријатија, установи, управни одбори, надзорни … Веројатно откако им останале фазла неангажирани поданици, виделе поле за партиско орање и во возачките друштва. И измената на само еден законски член ги отвори ширум портите за неофицијалниот ,креативен проект,. Ако претходно Централниот регистар морал да потроши повеќе енергија за да внесе некого во регистарот, вмровците го претворија во своевидна удри- печат служба. Дали оваа законска ,реформа, беше скроена за да им ги олесни ,шоферските, афинитети или едноставно од неа потоа изникна проектот, и не е толку важно!

Вториот чекор беше многу попрактичен. Согласно ‘инструкциите’ од Законот за здруженија на граѓани, доволно е да се соберат една дузина возачи, може роднини, соседи, пријатели, кумашини, кои треба само да потпишат пристапница, да платат членарина и да добијат членска книшка. Третиот чекор е така здружени да преземат акција и одржат вонредно собрание. Тука веќе се прави кадровска преродба, која, согласно измените во законот, лесно се парафира во Централниот регистар.

Арно ама, уште има пат да се изоди, оти новодојденците потоа се соочуваат со ,аздисани, вработени, па следува четвртиот чекор. Се наоѓа начин тие да добијат шут карта. Ќе најдете или ако треба ќе измислите некакви злоупотреби од било каков материјал. Така автоматски ослободувате простор за парче леб за своите блиски сопартијаци и нивни блиски роднини.

Е возачката преродбата доаѓа до петтиот чекор- почнуваат да се прават нови фирми- ДОО (Друштва со ограничена одговорност или ДОЕЛ-и ( Друштва со ограничена одговорност на едно лице), а кои имаат чудни релации и кадровска поврзаност со Здруженијата. Потоа, следствено на програмата доаѓа веќе лесната задача да се освои централата во Скопје. Гледате како понекогаш може само во шест чекори да реализираш еден проект кој е голема портокалова победа, веројатно третирана и како историска и државна од страна на Груевци. Нема потреба од 100 чекори, оти може и вака во скратена постапка.

antonio-milososki-800x445

 

ПОСЛЕ ТАТЕ, ДОЈДЕ РЕД И ЗА БАТЕ! 

И сега да минеме на делот – човечки ресурси. За илустрација, преку ‘превратот’ во Кавадарци одлично се гледа партиско-непотистичката шема. Ем во, обновеното, здружение се вработува сопругата на претседателот на Советот на општината, ем секретарот на ДПМНЕ за Кавадарци бил адвокат на оваа група. Тоа, пак, што меѓу новите функционери е заменик командир на полиција, ем секретар на судот, доволно говори дека тешко можете да се борите со вака јак состав. Истовремено, и нивните сопруги се вработиле во здружението, плус секретарот на судот бил  унапреден во обвинител. Имињата воопшто не се битни. Важно е дека фирмата функционира по оној комунистички стар терк -,Наше дете,.

Кога пред две години пишував за кичевските, шоферски маки, Милош Милошоски најжестоко реагираше што во целава ‘возачка приказна’ се инволвира името на неговиот син Антонио Милошоски. Нагласи тогаш дека има уште еден син, Александар, кој бил еден од најдобрите студенти, но заминал за корка леб во САД. Ете, сега барем знаеме дека лебот ќе го вади во Сојузот на возачи на Македонија.

Само делува малку цинично, барем од денешна временска дистанца, што пред неполни две години, Милошоски сениор ќе ја оквалификува целата, како што ќе рече- хајка против него, како водена од неколкумина кои имаат личен и семеен интерес, а се врзани за една осигурителна компанија. Денес веќе од месечината се наѕира дека возачките здруженија станаа нивен семеен бизнис, на Милошовци мислам!

 

НОВ МОДЕН ТРЕНД

Но, ако проектот “Да ги обоиме во портокалово возачките асоцијации” се вежбаше од Кавадарци, таму меѓу последните се влезе во шемата со правење нови фирми. Тамошниот секретар на здружението, со сопругата на претседателот за здружението си формирале приватна фирма и како прв човек во асоцијацијата решил да го даде под наем целиот имот на здружението токму на својата компанија. И вработените ги префрлиле во новата фирма наречена Здружени возачи- Тиквеш. А во името на здружението се откажале од правото тоа да врши технички преглед на возилата. Значи, истите што го презеле здружението потоа си направиле фирма која ќе ги користи просториите и опремата на здружението. И за ова веќе пишуваше Фокус, но, тие тоа го сметаа како проект во рамките на законот, а дека било сторено да не ги загази конкуренцијата! Во секој случај, конкуренцијата во ликот на старите кадри успешно ја “згазија”!

 

ЌЕ ИМ СУДИ ОВОЈ ИЛИ ДРУГ СУД?

Незадоволните кичевски возачи дури сметаат дека Милошовци си направиле семејна фирма од Здружението на возачи на Кичево, а тие станале социјални случаи. Особено откако и братот на министерот, Александар ќе стане управител на Сојузот на возачи на Македонија. Но, и овој избор не минува мазно. Или, како што пишуваат незадоволните кичевчани, така како што влегува таткото во кичевското здружение, така влегува и братот во централата во Скопје. Во дописот што незадоволните локални здуженија го упатуваат до Централниот регистар, се наведува дека на Вонредната седница нелегитимни претставници извршиле измени во статутот спротивно на законот.

Иако тие апелираат дека доколку дојде, според нив барем, до незаконска промена во регистарот, тогаш јавноста и медиумите ќе се занимаваат со тоа неизбежно, бидејќи се работи за брат на миниситер. Сепак, ниту медиумите ќе се занимаваат со тоа, ниту Централниот регистар ќе се стресе. Промените ќе бидат ,парафирани, а граѓанскиот суд ќе се прогласи и за ненадлежен по барањето за времена мерка.

Интересно е дека првично овие контраши ќе бидат 11 возачки асоцијации  од исто толку градови во државава. Сепак, за десет ,преродбата, на централата во Скопје ќе биде во ред- и по закон и по пропис. На овој список се здруженијата од Кавадарци, Кратово, Кочани, Струга, Охрид, Ресен, Гевгелија, Валандово, Свети Николе и, се разбира, Кичево, оти не може татко против син да биде, нели. Уште поразбирливо, што во меѓувреме приврзаниците ќе се зголемат оти преродбата ќе зафати уште троа некоја локална возачка асоцијација.

Она што особено ми беше забавно, во овој ,креативен проект, е што на спорната за некои Вонредна седница била извршена промена на називот- Сојузот на возачи на Република Македонија станал по ново- Сојуз на Здруженија на возачи на Македонија! Аууу, исчезнало Република ама е збогатен називот со Здруженија. Дали е спротивно на прописите, е посебна тема за дебата! Уште еден портокалов новитет, што за контрашите е нестатутарен, е што Алескандар Милошоски е избран за застапник на СВМ, иако велат дека Сојузот може да има единствено секретар! Но, ајде, веројатно сега е време на застапници!

Во жалбата до Комисијата за жалби контрашите на преродбата дури ќе срочат дека целата опрација со изборот на Милошоски помладиот е изведена со политички притисок на братот миниситер и таткото од кичевската возачка асоцијација. И оваа возачка сторија ќе добие судско продолжение, но, како што веќе видовме, дури и кога судот ќе пресече поинаку, добитниците немаат фајде од тоа. Секогаш кога баравме изјави од новодојденците, обично одбиваат да говорат за партиската шема во проектот, ама сметаат дека постапуваат законски. Законите пак видовме се широка материја за толкување. Во Македонија на оние блиски до власта, вообично, добро им оди комуникацијата со институциите!

За да се доврши вмровизацијата на возачите, секако дека треба уште троа време, по можност уште еден мандат. Има вмровци и во другите неосвоени општини каде возачките здруженија останаа ,нереформирани,. И што би рекол Груевски: на крај, кога ќе застанеме и ќе погледнеме назад, ќе видиме дека – Македонија победи! Да, да не се чудите, да нема збунка- секоја вмровизација за Груевци е победа на Македонија. Другите можат да цркнат!

Доколку пак ДПМНЕ не обезбеди уште еден нов мандат во владините одаи, тогаш можам да се обложам 102 отсто дека денешниве жртви од возачкото цунами ќе станат повратници, а сегашниве функционери ќе се прогласат за жртви на ‘нов’ политички реваншизам. Како што кичевчани пишуваат во своите поплаки: Сите незаконитости еден ден ќе се докажат дали од овој или од некој друг суд. Но, прашање е што од сета оваа возачка рашомонијада има корист Татковината?!

 

Отворено писмо до Премиерот
СЕКОЈА ТИРАНИЈА ИМА КРАЈ

dimche-stevanovski-800x445

Законот за Централен регистар во член 28 утврдува: ,За вршење на работите утврдени со овој закон, Централниот регистар на РМ одговара пред Владата на РМ,. Што ќе рече- пред фамилијата. Но, ниту фамилијата ниту Централниот регистар, и во него органите и одговорните лица, не преземаат ништо за законитоста во работењето, ниту дисциплински мерки, ниту други мерки по закон и хиерархиски поставениот ред. Зошто? Затоа што сите се поврзани во фамилијарни концентрични тријади кои сочинуваат една триангла, на чие чело стои пастирчето.

Здружението на возачи Кавадарци систематски се уништува со преродбенички чекор по чекор. И покрај правосилна и извршна судска одлука, Централниот регистар на РМ не ги брише податоците врзани со органот за застапување на правното лице и не ги враќа запишаните права во состојба која постоеше пред да биде извршен уписот чие бришење му се налага на Централниот регистар.

Ајде, претседателе на Влада исчисти го дувлото. По закон, не заради нечиј кеиф. Стори го тоа, како што велиш- неодложно, веднаш и сега. Ако бегаш или ја префрлаш одговорноста на друг, таа нема да те напушти.

Одличната идеја за едношалтерски систем стана мора и кошмар за огромен број граѓани и странски инвеститори. Со едно шалтање за три часа отиде се ЈАБАНА. Ама, тоа не е конечно. Во Кавадарци велат: ,че биде де, само кој е тија маж што че издржи па да виде,. Пораката е: ќе издржиме, ќе видиме и ќе докажеме. Би лага и помина.

Лицето кое прво почна со оперативни активности против здруженијата на возачи, а по налог на висок функционер на ДПМНЕ во летото 2007-ма, како награда го поставија за претседател на основен суд.

Регистраторот кој ја матеше оваа антицивилизациска игра заедно со директорот на Централен регистар, како партиски фотељаши- првиот стана судија во Управен суд, а вториот градоначалник.

Ќерката пак на овластеното лице за регистрација како награда бидна благонадежен нотар.

Ах да, уште еден судија како сатисфакција за нестручното и несовесно работење стана претседател на апелационен суд.

И ова не е крај. Се во свое време. Штетите што настанаа со амин на власта и Централниот регистар и во нив одговорните лица е огромна и ненадоместлива. Кој тоа ќе го плати? По закон -државата, а де факто граѓаните! Затоа власта вели додека сме ние ќе биде така како што сакаме ние, туѓи пари трошиме од наше стадо со наши овчари стрижачи.

Но, секоја тиранија има крај!

Димче СТЕВАНОВСКИ, (екс) секретар на ЗВ на Кавадарци

 

Извор ФОКУС