КОЖАТА НА ГРУЈО ЗА ИМЕТО НА МАКЕДОНИЈА

пишува Владимир Милчин

Како беше она дека вистината била како шило. Грујо? Читам во лондонски „Гардијан“ дека си бил подготвен да го шитнеш името. Читам и не сум изненаден. Отсекогаш знаев дека Македонија и Македонците ти значат помалку од ланскиот снег. Отсекогаш знаев дека ќе дојде ден кога ќе го понудиш името за да си ја спасиш истенчената кожа. Дебелата кожа која ти се истенчи толку што стана провидна. Како пергамент проѕирна. Ќе го продадеш името кое божем го бранеше како најмилото. Го претвори името во стап со кој маваше по главите на оние кои не ти го премолчуваа криминалот, злоупотребите, лагите, фалсификатите, газењето по луѓето, полнењето на занданите со граѓани без вина виновни, хушкањето и харангите, уривањата и потпалувањата… И да не редам понатаму, долга е листата на твоите гревови, Грујо. Долга е листата на гревовите и на твоите роднини, клиенти, куртончиња, гдомчиња и арамбаши.

Отсекогаш знаев и дека, штом ќе ти дожежи под нозете, ќе го продадеш и името, ама ќе ги продадеш и Латас, Миленко, Мирка, Дарко, Цветин, и „остала боранија“, односно хорчето разврескани лажговци кои зарипнаа плашејќи го народот дека „соросоидите“ и СДСМ направиле заговор против Македонија! Ќе ги продадеш и твоите анонимни партиски арамбаши кои се закануваа, пцуеја, тепаа, носеа погребни венци, се фаќаа за патлаците и што ли уште не. И сето тоа во името на името! Најпоганите работи ги направија во името на божем најсветото. Го правеа тоа предводени од тебе и поттикнати од тебе! И, наеднаш, ти, „најпатриотот“, прв го напушташ бродот што тоне! Бродот што го испразни и осиромаши. Ги набрка луѓето, ги ограби парите, а ќе ги оставиш долговите и пизмата. Ја клекна Македонија толку ниско што е прашање дали и кога ќе се исправи, кога и дали ќе застане на нозе.

А бре, Никола, не ти е срам сега да клекнеш и да бараш милост од „клетитот Запад“, „странските служби“ и „клетите Грци“?
Многу скапа ми ти била кожичката! Не ти се мери цената на кожичката само со тоа за колку пари си ги ограбил народот и државата. Цената на кожичката ти се мери со бројот на жртвите на твојата безмерна алчност и нечовечност. Цената ти се мери со бројот на запустените и угаснатите огништа во Македонија. Цената ти се мери со бројот на замолчаните и понижените граѓани. Цената ти се мери со бројот на оние кои се откажаа од граѓанското достоинство и го заменија со поданичка понизност.
Отсекогаш знаев дека ќе завршиш така што ќе посакаш амнестија или барем азил. Проклет да е оној што ќе те амнестира или ќе ти даде азил! На политиката не и е туѓа амнестијата, но на историјата и е туѓа амнезијата. А правдата понекогаш е бавна, но секогаш стигнува!

Оставете коментар