Зошто данокот на добивка во Македонија треба да биде прогресивен?

пишува Бранимир Јовановиќ

Македонија има највисока стапка на сиромаштија во Европа, најлошо здравство, најлошо школство. Главната причина за ова е тоа што државата нема пари за овие работи. Од каде да се најдат тие пари кои се потребни за подобрување на овие работи? Преку прогресивен данок на добивка.

Во последно време честопати се зборува персоналниот данок на доход да се направи прогресивен, односно, луѓето што имаат повисоки примања да плаќаат даноци по повисоки стапки. Со право, затоа што постојниот „рамен“ данок е крајно неправеден.

Но, некако се избегнува прашањето за корпоративниот данок на доход, односно, данокот кој го плаќаат компаниите на нивната добивка, кој исто така е „рамен“. Дали и тој треба да се направи прогресивен?

Во 2000, добивката на компаниите во Македонија изнесувала околу 60 милијарди денари. Во 2014 година, достигнала 190 милијарди денари, односно пораснала повеќе од три пати. Просечната годишна стапка на раст била околу 9%, што е многу.

Платите на работниците во истиот овој период пораснале од 110 милијарди денари на 180 милијарди денари. Или, секоја година растеле во просек за околу 3.5%, што е значајно пониско од растот на профитите на фирмите. На почетокот од анализираниот период, средствата на работниците биле скоро двојно повисоки од профитите на компаниите. На крајот од периодот, профитите станале повисоки од платите.

Со други зборови, учеството на профитите во македонскиот национален доход изнесува околу 55%, додека учеството на платите, околу 45%.

Ваквата состојба, профитите да имаат поголемо учество во доходот од трудот, е крајно нетипична и ретко може да се сретне во развиените земји. Во развиените земји учеството на профитите е скоро секогаш помалку од 50%. Во Швајцарија е околу 35%, во Словенија е околу 40%, во Австрија е околу 45%.

Освен што се високи профитите во Македонија, тие се и многу високо концентрирани, односно мал број на фирми остваруваат голем дел од вкупните профити. Иако нема официјални податоци за профитите на фирмите, од податоците со кои располагам јас, кои вклучуваат 200 компании од македонската економија и генерираат околу две третини од вкупното производство во Македонија, може да се забележи дека 10-те најголеми компании генерираат околу две-третини од вкупните профити во Македонија. Најголемите 15 компании пак генерираат околу три-четвртини од профитите.

Скоро сите од овие компании се со монополски или олигополски позициии на пазарот, што значи дека нивните профити се всушност општествена рента која треба на сите да им припадне. Тоа што станува збор за монополски/олигополски компании значи и дека тие не би можеле така лесно да ја напуштат Македонија, затоа што профитите кои ги остваруваат се врзани за нивното присуство тука.

Главната причина за ваквите состојби е данокот на добивка, кој е „рамен“, осносно изнесува 10% независно од добивката на фирмата. Освен што е „рамен“, тој е и низок, еден од најниските во Европа. Просечната горна стапка на данокот на добивка во Европа изнесува околу 20%, во ЕУ околу 22%, а во целиот свет околу 25%. Во Германија највисоката стапка на данокот на добивка изнесува 30%, а во САД – 40%.

Тоа што данокот на добивка во Македонија е низок и рамен овозможува добивките на големите компании да се репродуцираат и на тој начин да растат. Затоа и растат вкупните профити во Македонија со толку висока стапка. Затоа и учеството на профитите во националниот доход е толку високо, повисоко од учеството на платите.

Македонија има највисока стапка на сиромаштија во Европа, најлошо здравство, најлошо школство. Главната причина за ова е тоа што државата нема пари за овие работи. Од каде да се најдат тие пари кои се потребни за подобрување на овие работи? Преку прогресивен данок на добивка, т.е. даночење на малиот број на фирми со монополска/олигополска позиција на пазарот, кои остваруваат огромни профити.