Вистинскиот ХУМАНИСТ не ги ЗЛОУПОТРЕБУВА своите ДОНАЦИИ!

пишува Кире Бебеџаков

Општина Кавадарци е симбол за солидарност, хуманост и подавање рака на оној на кого му е неопходна помош. Впрочем, голем број на хуманитарни акции и донации се реализирани овде, во Кавадарци, каде свое учество земале граѓаните, граѓанските организации, приватниот сектор како и јавните институции.

И во ниеден случај и никогаш не се случило да било кое правно или физичко лице јавно ги преувеличува, да не речам злоупотребува за приватни цели, своите хуманитарни дела и акции. Голем број на кавадаречки компании имаат донирано за општото јавно добро на своите сограѓани и никогаш не се дигала голема “прашина” околу било која донација од било кого.

За жал, вториот круг од локалните избори за градоначалник на општина Кавадарци ни носи една сосема различна слика. Слика, која ги прекршува сите морални и етички вредности кои го обликуваат зборот “хуманост”, вредности лесно фрагилни од страна на еден од кандидатите за градоначалник на општина Кавадарци.

Со нов шеф на својот изборен штаб, добро позната испукана политичка фигура во заминување, недостатокот од вистински и реални проекти за доброто на своите сограѓани како и загубата и одлевањето на гласови од матичната партија, макотрпно се обидуваат својот дефицит да го надокнадат преку возвишување на личните донациите на својот кандидат. Класичен и безобразен обид за изместување на критериумите и стандардите за прв човек на општината.

Денес, имаме ситуација, за првпат во историјата на било кои избори на територија на општина Кавадарци, во вториот дел од изборната кампања, ѕидот од социјалните мрежи на кандидатот на една политичка партија е целиот “обоен” со неговите донации.

Во приватниот сектор, голем број на компании од Кавадарци имаат реализирано свои проекти со големи донации, хуманирарни или крводарителски акции, материјална и финансиска помош онаму каде е најпотребна. Ниту еден претставник од нив ниту е кандидиран за советник, ниту пак за градоначалник. Пардон, освен еден.

Да сумираме! Секој од нас има донирано на некој начин, а многумина таквиот потег и пријатно чувство сме го задржале како солидарен гест само за себе. Впрочем, тоа е и ГОЛЕМИНАТА НА ВИСТИНСКИОТ ХУМАНИСТ.