Интервју со Златко Блажевски – тренер во тенискиот клуб “Црна Река” од Кавадарци

Кавадарци одсекогаш бил спортски град со голем потенцијал и таленти

Кавадаречкииот спорт од поодамна е во длабока криза. Голем број на кавадаречките спортски колективи веќе и не постојат додека оние неколкуте кои сеуште егзистираат се обична спортска импровизација.

Има исклучоци, како тенискиот клуб “Црна Река” од Кавадарци кој успешно функционира со средена инфраструктура и големи турнирски активности.

За состојбите во тенискиот клуб “Црна Река” разговараме со Златко Блажевски, лиценциран тренер за тенис и завршени студии на факултетот за физичка култура.

Бранко Трајковски: Златко, кажи ни накратко за твоите тениски активности во овој клуб, за твоите почетоци, за клубот…

Златко Блажевски: Моите активности на тениските терени започнуваат во 2009 година во склоп на академијата “Павловски” а со тоа започна и првата едукација на кавадаречките дечиња со тениската игра.

Се разбира дека почетокот беше многу тежок од причина што тенисот како спорт во нашиот град немаше некоја традиција, беше анонимна и не атрактивна игра.

Нешто подоцна, 2013 година, “Црна Река Петрол” ги зема под концесија тениските терени кај спортската сала “Јасмин” во Кавадарци. Веднаш се формира тенискиот клуб “Црна Река” а сопственикот Лазар Мицев целата инфраструктура на терените ја доведува на солидно ниво. Круна на целата инвестиција е изградбата на покриената сала за тенис со осветлување и греење. Вистинска реткост во Македонија.

Златко Блажевски

Бранко Трајковски: За разлика од минатото, дали денес  е зголемен интересот кај кавадаречките деца за тренирање тенис?

Златко Блажевски: Моментално кај мене членуваат 50 дечиња и нивниот број константно се зголемува. Тоа многу ме радува што се јавува интерес кај децата на возраст од 5-6 години. Тоа е идеална возраст да се почне со запознавање на основните тениски елементи.

Бранко Трајковски: Тенискиот клуб “Црна Река” досега има организирано голем број на турнири.

Златко Блажевски: Да, досега нашиот клуб беше организатор на многу турнири на државно ниво, на возраст од 12 до 14 години во машка и женска конкуренција како и неколку турнири за ветерани. Да не го заборавиме и детскиот турнир кој беше оддржан на возраст од 5-9 години.

Позначаен турнир кој го има одржано нашиот клуб е европското првенство до 16 години каде што 16 држави од Европа имаа свои претставници. Ние како домаќини на овој турнир се покажавме во одлично светло.

Бранко Трајковски: Какви се плановите за во иднина?

Златко Блажевски: Ние во тенискиот клуб “Црна Рекa” планираме да продолжиме со уште посилно темпо и заедно со дечињата да земеме учество во сите идни турнири во Македонија.

Бранко Трајковски: Дали овие 50 деца што тренираат кај вас може да ги рангираме по квалитет? Дали имаме таленти? Сепак, Кавадарци одсекогаш бил спортски град со голем потенцијал и таленти.

Златко Блажевски: Има дечиња кои уште на самиот старт го покажуваат својот талент, но тоа е само првото скалило. Понатаму нормално дека следува и напорна работа, додека подоцна овој спорт бара и поголеми финансии во смисла на тренинзи и постојано учество на турнири во државата како и надвор од неа.

 

Оставете коментар