За победата на Митко Јанчев жали и Груевски

пишува Звонко Каров

Кавадарчани добија нов градоначалник. Треба да му се честитка на Митко Јанчев за победата во Кавадарци, исто како што треба да му се честита и на неговиот противкандидат Бетиане Китев кој даде се што беше во негова моќ, дури и повеќе од тоа, да излезе како победник. Можеби не беа на тоа ниво и неговите подржувачи и други грешки кои СДСМ треба да ги анализира во наредниот период за да може после 31 година да има градоначалник предложен од нејзините редови.

Сите беа против локалната ВМРО-вска власт. Митко Јанчев, познат како Митко Кожувчанка предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не победи заради заслугите на претходната локална власт, чии резултати не беа сјајни и не гарантираа победа по тој основ, (тоа итро го забележа и пласира на јавноста Јанчев) ниту заради авторитетот на Груевски кој го предложи. Иако не можеше да се дистанцира од неговиот предлагач, граѓаните препознаа дека сака да остави впечаток да не го ,врзуваат’ многу со него. Тоа јасно се потврди со победата која ја извојува во вториот изборен круг.

Граѓаните се охрабрија уште повеќе помеѓу двата изборни круга, кога видоа како кандидатите за градоначалници предложени од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ,паднаа како круши’ во цела Македонија. Можеби на граѓаните-гласачи дополнително им даде сила и инает ,позајмените ‘ гласови на ,групата избирачи- Сакалиев ‘, независниот кандидат Давидов, здружението ,Тиквешки Роми’ и некои други кои повикаа да ги дадат гласовите на неговиот противкандидат Бетиане Китев од СДСМ и коалицијата (таквиот потег ги иритира граѓаните) но мислам дека клучно за победата беше самиот кандидат Митко Јанчев кој ,пријатно изненади’ во кампањата познавајќи ги проблемите на градот, народниот речник кој беше разбирлив за кавадарчани и вербата на гласачите дека тој може и ,сам’ да ги решава проблемите на кавадарчани.

Без сомнение, му помогна искуството работејќи во стопанството кои го правеа близок со проблемите на граѓаните. Тоа јасно се виде во кампањата. Јас сум убеден дека тоа беше клучно во неговата победа, а не неговиот предлагач. Изборите беа фер и демократски со забелешки кои можат да се прифатат во ,жарот на борбата’. Оваа победа на Митко Јанчев во Кавадарци колку и да изгледа важна за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ таа дополнително му ја усложни тешката положба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Митко Јанчев и неговите гласачи повеќе ја посакуваа победата од Груевски. Победата му ја честитал и Груевски, но мислам дека за победата на Митко Јанчев жали и Груевски, оневозможувајќи му со прст да покажува на ,украдените избори ‘ низ цела Македонија.