Драма во СДСМ

Локалните избори секогаш и во секоја партија биле извонредна шанса за внатрепартиска граѓанска војна

Драмата низ којашто поминува СДСМ три месеци по формирањето на Владата е драмата на нивната кадровска политика. Некои умни луѓе рекле дека во политиката и нема ништо друго освен, всушност, кадровска политика, бидејќи со какви луѓе ќе се опкружиш, така и ќе завршиш. По стотина дена на власт, незадоволството од кадровската политика што, низ меѓусебните преговори, ја водат Заев и Шеќеринска (а потоа и со целата владејачка коалициска какофонија) е големо: во разни ешалони на партијата им врие, јавноста се забавува или се иритира со разни прва-рикверц кадровски решенија и на важни и на помалку важни места, во цели сектори (во здравството, на пример) разочарувањето е речиси превладувачко чувство, а стотици двигатели на режимот на Груевски, сега ослободени од перманентниот психолошки и криминален мобинг на кој цела деценија беа изложени од сопствената ВМРО-партија, сѐ уште комотно се заседнати по разни државни столчиња на кои одлучуваат за пари, политики, службени патувања и работни ангажирања…
Убавина!

Згора на тоа, сега доаѓаат и кандидатските листи за градоначалници и советници за локалните избори кои секогаш и во секоја партија биле извонредна шанса за внатрепартиска граѓанска војна, а кои СДСМ и овој пат изгледа дека ќе ги состави по теркот на Груевски: Како тата (и мама!) каже – што ќе рече дека помалку ќе се прашува членството и принципот на работни заслуги и квалификации, а повеќе фракционерскиот интерес во раководството на партијата. Хмммм… Само да ве потсетам дека процесот на „бузлевизација“ на СДСМ кон крајот на деведесеттите, под раководната палка на Црвенковски, ја одведе партијата до катастрофална загуба на изборите во 1998 г., од што социјал-демократите (а и Македонија) до денеска не можат сосема да се опорават.

На пример, мене не ми влегува во глава како може таков партиско-политички механизам како СДСМ, на само неколку недели пред изборите, да не знае кој им е кандидатот за градоначалник на Скопје?! Па, таа личност би требало да се знае барем со месеци, ако не и со години однапред, особено за партија која никогаш, од осамостојувањето до денес, не владеела со главниот град во државата (или можеби токму поради тоа)! Личните урбани, политички, културни, бизнис и други визии и релации на кандидатот за градоначалник на Скопје, жена или маж, се работа за која граѓаните на столицата имаат право да знаат многу порано од дваесетина дена во некаква трчи-мочај изборна кампања. Ете, кај ВМРО тој кандидат повторно е градскиот хаусмајстор Коце и за него нема човек од Скопје кој нема формирано мислење – Коце, ако јас се прашувам, би можел и дома да си ја отседи целата изборна кампања, оти неговиот ментален склоп и лопата-периметар се познати до болни детали. Вака, наместо да се занимаваме со евентуалните градски светогледи на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, јавноста целата изборна кампања веројатно ќе ја помине во валкани препукувања по социјалните мрежи, шпекулирајќи за внатрепартиските кујни во владејачката партија. Тој, лош, филм во СДСМ го гледаме веќе триесетина години.

Тоа ме потсетува на вицот со еврејскиот рабин, кога го прашале каква е ситуацијата во вашата земја? „Гуд!“, вели рабинот. А може ли да ни кажете во малку повеќе детали? „Нот гуд!“… Така, некако, и со СДСМ-во.

Сашо Орданоски

Извор: Цивил Медиа