Депонија на Полошкиот Манастир на Тиквешкото езеро

Манастирот „Свети Ѓорѓи“ или во народот попознат како Полошки манастир претставува еден од најзначајните културно-историски споменици во Македонија и несомнено е бисер на македонската средновековна уметност.

Во моменти кога доаѓа до ненаден судир помеѓу историските и сегашните факти, тогаш реалноста знае да биде премногу горчлива и тешко дека некој може а да не затвори очи, а камоли сето тоа да го проголта.

Нашите сограѓани Бранко Трајковски и Димитар Пецов кои се затекнаа на лице место на овој културно историски злостор ни испратија фотографии кои јасно ја отсликуваат човечката (не)грижа и (не)совест како како тоа бисерите на средовековната уметност се третираат во нашето општество и на кој начин истите се негуваат.

Полошки манастир на Тиквешко езеро

За да стигнете до ова прекрасно место кое изобилува со душевна топлина и спокојство потребно е да го поминете Тиквешкото езеро и по 12 километри возење со чамец на средината од езерото пред вас се појавува восхитувачкиот манастир.

Полошки манастир на Тиквешко езеро

Изграден во првата половина на 14-от век а лоциран 20 километри југозападно од Кавадарци во подножјето на планината Вишешница манастирот е распослан на левиот брег на Тиквешкото езеро. Името на манастирот потекнува од селото Полошко но по создавањето на Тиквешкото езеро по долината на реката Црна во периодот од 1964 до 1968 година, селото Полошко веќе не постои.

Во непосредна близина на Полошкиот Манастир денес има натрупано исфрлен отпад од рушевини и земја. Вистинска депонија со раширени раце ве пречекува уште на самиот брег. Фотографиите иако се без уста сепак кажуваат се. Развојот на туризмот почнува овде. Ама изгледа и овде завршува.

Полошки манастир на Тиквешко езеро

Да направиме малку ретро со една мала историска лекција и да се потсетиме за некои факти за овој културно историски а и туристички споменик:

Манастирската црква е посветена на Св. Великомаченик Ѓорѓи која е изградена во 1340 година а во периодот од 1342 до 1345 година истата е фрескоживописана.

Во манастирската црква влегувате преку двете забележителни дрвени врати кои се влез на припратата а истите се изработени во плитка резба исто како и иконостасот кој датира од 1676 година.

Полошки манастир на Тиквешко езеро

Фрескоживописот во внатрешноста датира од 14-от век и истиот е прецртан по реставрацијата изваден е вториот слој на фрески и денес во манастирот се првобитните фрески.

Сите поважни предмети кои имаат значење при реставрацијата се префрлени во Народниот музеј во Скопје во периодот од 1983 до 1986 година. Така во црквата стоел полиелај или народски кажано црковен лустер кој што бил изрезбан во дрво и кој воедно е најстарата резба во Македонија а датира од 1492 година.

Фрескоживописот според своите карактеристики датира од 14-от век освен оној во нартексот кој што е изработен во 17-от век. Значајно е да се каже дека кај живописот во оваа црква се забележуваат некои особености кои што се разликуваат од другите живописи во тој период.

Полошки манастир на Тиквешко езеро

Со најновите истражувања на постариот слој од фрескоживописот откриени се портретите на крал Душан и на неговиот брат Драгушин кој што бил погребан во манастирот. Се смета дека од 1340 на молба на мајката на Душан и Драгушин манастирот е приложен на Хилендар а околу 1378 година браќата Дејановиќи го приложиле манастирот на светогорскиот манастир Св. Пантелејмон. На влезот во манастирскиот комплекс ве пречекува камбанарија која датира од 1930 година но се претпоставува дека истата е изградена подоцна и дека тоа не е нејзината вистинска местоположба.

Полошки манастир на Тиквешко езеро

Значајно е да се напомене дека од манастирскиот книжевен фонд во полошкиот манастир имало 50 товари ракописи во 19-от век. Според написите кои се зачувани манастирот бил обновуван со поголеми зафати во 1609 и 1881 година а монаси во него немало се до 1900 година.

Во манастирот долг временски период немало монаштво но во минатото имало. Монасите во тој период одгледувале добиток и обработувале земја.

По подолг временски период од 2009 година кога е осветен новиот конак на манастирот во него живее икушеничката Драгица која се грижи самата за манастирот заедно со помошта која и ја дава Повардарската Епархија и владиката Агатангел…