Граѓаните ќе победат! Продолжуваме и одбројуваме до 18 јуни!

Граѓанки и граѓани на Македонија,
Шести јуни е датум со крв врежан во нашите сеќавања. Ден кога сите ние дознавме за свирепоста и бруталноста на оваа власт. Ден кога дознавме дека власта сокрива убиство на дете. На точно пет години од убиството на Мартин Нешковски, ние граѓаните објавуваме дека ќе ги преземеме работите во наши раце!

Но, граѓани и граѓанки, шести јуни од денес значи и голема победа за граѓаните на Македонија. Таканаречениот претседател Иванов објави дека ги повлекува сите 56 аболиции од 12 април 2016 година. Граѓани, нашата битка носи резултати, победуваме и затоа извикуваме дека е дојден часот самите да ставиме крај на оваа криза. Сега, кога знаеме дека нашата бројност и издржливост води кон правда и слобода, клучно е да продолжиме уште посилно, до дефинитивен пад на овој автократски и корумпиран режим!

Денес требаше да објавиме план со конкретни чекори и еден бескомпромисен рок – од кои отстапувања нема да има. Првиот чекор од нашиот план беше целосно поништување на аболицијата. Очигледно е дека нашата најава на тој план влијаеше и врз режимот. Режимот повтоно пукна, исто како и нивниот бетон.

Нема аболиција! Тоа значи дека ќе има правда!

Сепак, напоменуваме дека најсоодветен и целисходен начин да за поништување на аболицијата е преку автентично толкување на Законот за помилување од страна на Собранието на Република Македонија.
И порачуваме на власта, нашите барања да ги сфати многу сериозно и итно да ги исполни за оваа криза да не се продлабочи уште повеќе.

Планот сега содржи два итни чекори кои мора да се исполнат многу брзо:

1. УСТАВНИОТ СУД ДА СЕ ПРОИЗНЕСЕ ЗА УСТАВНОСТА НА СЈО;
На работата на Специјалното јавно обвинителство му се заканува и ризик да биде прогласено за неуставно. Партизираниот Уставен суд би можел да ги заштити криминалците од прогонот на правдата. Затоа, бараме Уставниот суд да ја отстрани оваа опасност и конечно да се произнесе за уставноста на СЈО. СЈО не смее да биде прогласено за неуставно. Правдата и борбата против криминалот се уставни категории и не смеат веќе да бидат под закана!

2. ДА ЗАПРЕ ПРОГОНОТ ВРЗ ДЕМОНСТРАНТИТЕ;
Да се ослободат сите приведени кои учествуваа во протестите од 12 април наваму и да се повлечат пријавите од МВР за сите останати демонстранти. Наши соборци ги држат во притвор повеќе од еден месец. Наши сограѓани и сограѓанки ги повикуваат на информативни разговори, а поднесени се кривични пријави за повеќе од 30 граѓани. Не’ приведуваат, не’ оцрнуваат, но никогаш нема да не’ заплашат. Оваа хајка мора да престане. Бараме итно ослободување на сите приведени демонстранти и запирање на сите форми на притисок врз слободните граѓани кои го искажуваат својот револт.
Рокот за исполнување на овие две клучни барања е 18 јуни 2016! Само со исполнување на овие барања во целост и без одложување, работите ќе се мрднат од мртва точка. Само така ќе може да почне да се решава длабоката криза во која оваа власт ја втурна Македонија. Во спротивно, граѓаните ќе ја земат демократијата и слободата во свои раце.

Покрај двете барања за кои испорачуваме рок до 18 јуни, ги нагласуваме и останатите наши барања:

– Оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори;
– Формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија;
– Оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;

Почитувани сограѓани и соборци,
Од денес ја менуваме и формата на протестите. Од денеска ќе не гледаат секој ден, со различни форми на прoтест, се посилни и погласни. Протестите ќе се радикализираат со цел исполнување на нашите барања.

Во среда, 8 јуни, точно на пладне ќе го блокираме сообраќајот во Скопје!

Со оваа блокада ќе покажеме како всушност изгледа со години нашиот систем. Ние живееме во блокирана држава со блокиран пристап до правда, блокирани и партизирани институции. Ќе го оневозможиме движењето како што со години оваа власт го оневозможува нормалниот живот, еднаквоста и слободата на граѓаните. Затоа, ги повикуваме сите граѓани да се приклучат кон оваа блокада за да испратиме силна порака на единство и одлучност. Оваа форма на отпор е нужна бидејќи власта со месеци е глува на нашите барања.

Блокада на системот е нужна за да ги спречиме и понатаму да ја блокираат правдата! Бараме разбирање и поддршка од сите наши сограѓани, бидејќи ова го правиме за подобра иднина за сите нас.

#ШаренаРеволуција #Протестирам

Оставете коментар