Безжичен интернет „вграден“ во бездомниците во Прага

Безжичен интернет „вграден“ во бездомниците во Прага. На улиците на Прага се појави првиот бездомник со „мобилен хотспот“ за безжичен интернет, облечен во маица на која пишува дека кој ќе му се приближи, може бесплатно да се приклучи на интернет. Бездомникот Радим, кој покрај влезот во метрото продава цвеќе, се согласил да стана пробен „мобилен ви-фи предавател“ во проектот „Wi-Fi 4 life“ со кој студентот Лубош Болечек се обидува да спои корисно со хуманитарно – да им помогне на бездомниците преку службата за бесплатен интернет на местата на кои нема бесплатен сигнал.

– Им помагам да го покренат проектот. Не се разбирам во интернет, ниту во такви достигнувања – рекол Радим.

Проектот кој, ако се покаже успешен, Болечек сака да му понуди на градот Прага и провајдерите на интернет, ќе ангажира во пробниот поериод шест бездомници кои по осум часа дневно би минале на најфреквентните места во Прага, носејќи во џебот апарат кој овозможува приклучување на интернет на луѓето во пречник од околу 20 метри. Бездомниците „Wi-Fi hotspoter“ во замена за тоа би добиле храна, облека и сместување, а по шест месеци и понуда за вработување од градот или од некое претпријатие.

– На памет ми падна таква идеја кога бев на студиски престој во Канада и никаде не можев да најдам како да се приклучам на интернет. Тогаш се досетив дека недостапниот интернет би можеле да го решат бездомниците. Сега тоа не е веќе проект за интернет, туку како да им се помогне на луѓето кои паднале на дното – рекол Болечек.

Во САД пред три години пропадна слична идеја, затоа што една компанија стана мета на критиките дека со тоа ги понижува и жигосува бездомниците.

– Бездомниците се веќе жигосани, а никому тоа не му смета – одговорил Болечек на тоа што бездомниците ќе бидат облечени во негови рекламни маици.

Извор ПЛУСИНФО

Оставете коментар